ПО 12 ГОДИНИ „БЕЈ Д ФИШ“ СИ ЗАМИНУВААТ ОД СЦЕНАТА

BeiTheFish_01
Дванаесет години минати во творење; пет студиски албуми; настапи на иста сцена со Ејми Вајнхаус, Моби и „Масив атак“, номинација за награда од музичката телевизија „Ем-ти-ви“ … Биографијата на електропоп-состав „Беј д фиш“ е долга и богата, но музичарите одлучија сето тоа да го остават зад себе. Членовите на групата на 12 април во „Сити хол“ во Скопје ќе го одржат последниот концерт. Се уште се дозирани и резервирани во изјавите околу причините за тој чекор. Но најверојатно така и ќе остане со оглед дека се работи за бенд кој не ја градел кариерата врз скандали, туку врз труд. Одговорот на прашањето зошто престануваат со работа го поврзуваат и со името на нивниот последен албум At the end of the sand (На крајот од песокот).

– Веќе некое време чекаме на крајот од песокта за да се вратиме од каде што сме дошле и да ги средиме работите што се згрешени. Тоа бара голема посвета и жртва. Во меѓувреме додека чекаме си наоѓаме и поубави работи од правење музика како на пример возење на мотор, правење деца … – велат тие.

Се гордееме на творештвото

Kога еден бенд престанува да работи, вообичаено тоа е проследено со караници и повредени ега. Но тоа не е случајот со „Беј д фиш“.

– Во нашето речиси 20-годишно дружење сме немале меѓучовечки односи што би не довеле до тоа да се скараме или да се степаме. Напротив, ние сме едно семејство кое силно се држи. Се сакаме меѓусебно и тоа така ќе остане – дообјаснуваат тие.

Не можат да ги одвојат најсветлите точки во својата кариера затоа што не сакаат да гледаат во минатото.

– Ако се свртиме назад, може никогаш да не погледнеме напред затоа што од толку што ни било добро тогаш нема да посакаме да си заминеме. Горди сме на се што сме направиле. И доброто и лошото. Го прифаќаме како дел од нас и за ништо во животот не жалиме – велат тие.

Има и други уникатни бендови

„Беј д фиш“ е познат и по специфичниот и препознатлив звук.

– Kога не се трудиш околу нешто како ќе излезе, туку работиш единствено на тоа да биде создадено, тогаш излегува уникатно дело. Ние ја создававме нашата музика како што ни доаѓа и тоа прави да е специфична. На нашата музичка сцена с` е специфично. Секој работи на свој посебен начин и создава уникатна музика. Без разлика дали тоа е под некакво директно влијание или се работи за копирање стилови, сепак има посебност и единственост во изразот. Има многу квалитетни бендови и креативни ликови и тоа е добро – велат тие.

Без разлика што бендот нема повеќе да постои, членовите ќе продолжат да се занимаваат со музика.

– Отсекогаш сме свиреле. Сме правеле и театарска и филмска музика, сме работеле како диџеи … Нема да престанеме со тоа. Што се однесува до плановите, ќе правиме с` што н` прави среќни – завршуваат музичарите.

Андриjана Андова
преземено од dnevnik.mk