Отворање на Артикултура

АРТИКУЛТУРА го отвора своето артикултурно катче во Битолската чаршија.

Станува збор за Артикултура, првото кафуле-задруга во Македонија, концепт зад кој стојат група ентузијасти. Нивната идеја, визија е местото да стане собиралиште на прогресивната младина, да овозможи секој да се чувствува слободно, да не биде суден поради својот изглед, начин на облекување или сексуални преференции.

Зад ваквата иницијатива стојат група ентузијасти од Битола, кои сакаат да креираат и да заживеат едно нетипично кафуле, кое нема да го компромитира квалитетот на музиката и настаните кои таму ќе се одржуваат, поради логиката на профитот. Па така, целта на задругата не е да оствари профит, туку да постигне самоодржливост. А доколку во некој момент остварува профит, задругарските правила велат тој да се вложува во организирање на најразлични културни настани кои ќе бидат поголеми и поквалитетни.

Алтернативната култура во овој простор ќе се промовира преку  организирање на најразлични настани: свирки на авторски бендови, изложби, промоции на книги, проекции на филмови, дискусии и сл.

Визијата на АРТИКУЛТУРА е таа да стане собиралиште на прогресивната младина во Битола и место каде што секој ќе се чувствува слободно, и никој нема е биде суден поради својот изглед, начин на облекување или сексуални преференции. Место каде што човек ќе може да најде истомисленици со кои заеднички ќе креира нови иницијативи, базирани на заеднички вредности (што и да се тие).

Локацијата на кафулето-задруга е во старата битолска чаршија, спроти Аврата, а отворањето е утревечер во 20 часот со целовечерен настап на скопскиот бенд Фанк Шуи и краток концерт на Фолтин.

Следната вечер, во четврток, на програмата е астро-забава, на која ќе и претходи предавање на скоро-па-дипломираниот теориски физичар Марко Шунтов и изложба на ретро постери инспирирани од Советската вселенска програма, дизајнирани од Зоран Кардула.