Vasko Netkovski / Vaso

vasoVasko Netkovski / Vaso е љубител на музиката откако знае за себе. Вистинска реткост е да се најде некој музички правец на кој не посветил барем некое време од животот во осознавање на истиот. Оттаму не сака да се врзува за само еден музички стил кој го презентира. Не треба да се изненадите ако еднаш чуете негов хаус сет, друг пат драм енд бејс, брејк бит, фанк, хип хоп…

Со осознавањето на хип хоп културата во втората половина на 80-тите години се раѓа и неговата прва музичка љубов – рап музиката. Драм енд бејс, брејк бит, биг бит, трип хоп и, секако, џез музиката беа логична прогресија во неговата музичка опсесија. Тука се раѓа и желбата истата таа музика да ја презентира, аматерски, без некоја голема амбиција.

Пресвртот се случи во втората половина на 90-тите години кога почна интензивно да навраќа во музичката продавница Масива, каде хаус и техно музиката му влегуваат под кожа, местото каде диџеите Песинџер и Тевдо го навлекоа на диџејство… Васо има голема заслуга за ослабените нерви на Песинџер поради толеранцијата која тој ја имаше слушајќи го Васо во обидите за бит мечинг, чекајќи конечно да го направи својот прв микс.

Крајот на 90-тите години го бележат почетокот на неговиот диџејски опус, многуте настапи низ Македонија и пошироко, фестивалите, настапите со буквално најголемите имиња на светската електронска музичка сцена.

До денес има неколку флертови со радиоводителството, водењето клуб, веб страница, продукцијата. Поранешен член е на организацијата Фајрхаус Кру, а сегашен член на организацијата Полукс. Како еден од најголемите поддржувачи на македонската електронска музика, го мрази моментот што соперништвото во музиката и егото на некои диџеи и продуценти има голем удел на опаѓањето на електронската сцена во Македонија. Сепак, верува дека добрата музика и добрата забава ги руши сите бариери и ги обединува сите вери и нации и се надева дека токму поради ова Македонија ќе си го врати реномето кое го имаше до пред неколку години.