Музејот на улични уметности доби свој простор

Четвртото издание на “Muzeja Ulične Umjetnosti” оваа година за прв пат се “всели” во внатрешноста на една зграда. Местото на „злосторот“ беше напуштената Воена болница во Загреб која се покажа како одлична сцена за четириесетина хрватски и европски уметници.

Музејот на улични уметности е дел од проектот “Recover the Streets” во соработка со четири европски градови: Zaragoza (Шпанија), Toulouse (Франција), Besançon (Франција) и Köln (Германија).
За 7 дена, неугледното и напуштено здание на поранешната воена болница ја доживеа својата ренесанса. Кулминацијата беше во неделата на 29ти Септември каде повеќе од илјада љубопитни посетители лутаа по ходниците и беа во можност да видат преку седумдесет инсталации, цртежи и фрески.

Директорката на Музејот на улични уметности за transmeet.tv откри како постигнаа договор со градските власти за да го добијат тој простор на користење за две години.

[quote]”Во договор со градоначалникот на град Загреб поранешната воена болница ни е дадена на користење минимално на две години, а останатите градски простори кои не се во функција се ставени на располагање што јасно покажува на намерата на градоначалникот и на надлежните плански да ги користат уличните уметности во својата развојна политика.”[/quote]

Се надеваме дека ова ќе послужи за пример, како и капацитетите во Р.Македонија да се искористуваат на креативен начин.