ЈУБИЛЕЈ НАСОЧЕН КОН ЅВЕЗДИТЕ – 35. издание на „Браќа Манаки“

13 – 19 Септември 2014 – Битола, Р.Македонија
преземи програма | преземи каталог | веб сајт http://www.manaki.com.mk/

manaki2014 Интернационалниот Фестивал на Филмска Камера “Браќа Манаки”, што се одржува секоја година во Битола, е организиран од Друштвото на филмски работници на Република Македонија – ДФРМ.

Основано на 21 мај 1950 година со седиште во Скопје, ДФРМ ги претставува интересите на филмските професионалци и автори во нашата земја. Покрај тоа што се грижи за правата на своите членови, ДФРМ се залага за професионален развој и раст на филмската креативност во Република Македонија. Друштвото, со своите активности, има за цел да ја зајакне македонската кинематографија и да обезбеди нејзин континуитет. Од година во година, ДФРМ дава значаен придонес за македонскиот филм, а исто така ја афирмира и светската филмска уметност во нашата земја. Една од главните активности на друштвото е Интернационалниот Фестивал на Филмска Камера “Браќа Манаки”.

Секоја година, ИФФК “Браќа Манаки” се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија и е поддржан од Министерството за култура. Фестивалот, со својата впечатлива програма што од година во година станува се побогата, е атрактивен како за филмските професионалци, така и за вљубениците во филмот од целиот свет.

Стожер на фестивалската програма е “Камера 300” – официјалната компетиција на долгометажни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа програма се натпреваруваат за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300. Тоа се официјални фестивалски награди што ги доделува интернационално жири составено од пет члена.

Покрај официјалната компетиција, дел од Фестивалот и припаѓа на Програмата на краток филм, која нема натпреварувачки карактер и прикажува селекција од најдобрите остварувања на филмската продукција од последните две години. “Студентската Програма Браќа Манаки” е посветена на младите таленти – студенти на филмски академии и школи во целиот свет. Во рамките на Фестивалот, како пропратни настани се организираат работилници, семинари, дебатни сесии, изложби…

Фестивалот исто така доделува Награда за животно дело Златна Камера 300, што е резервирана за водечки во светот кинематографери. До сега, лауреати во Клубот на Великаните се: Виторио Стораро, Вадим Јусов, Раул Кутар, Тонино Дели Коли, Мирослав Ондричек, Анри Алекан, Фреди Френсис, Јиржи Војчик, Свен Никвист.